Мицкоски: Се обидуваме да ја задржиме цената на струјата, а зошто да не и да ја поевтиниме?

При посетата на Штип, премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање за цената на електричната енергија, најави дека Владата подготвува нова методологија со која ќе се настојува цената за домаќинствата да остане на сегашното ниво, но се остава можност и за нејзино намалување.

фото: Архива 

„За струјата правиме методологија да се обидеме, ако ништо друго, барем да ја задржиме истата цена, а зошто да не и да се обидеме да ја поевтиниме“, изјави Мицкоски.

Тој посочи дека откако актуелната Влада е на власт, нема зголемување на цената на електричната енергија за домаќинствата. Според него, состојбата во енергетскиот сектор е стабилна и земјава ја очекува стабилна зима, и покрај глобалните предизвици.

Мицкоски како еден од клучните фактори ја посочи актуелната геополитичка и енергетска криза поврзана со конфликтите на Блискиот Исток.

„И покрај тоа што сме во пикот на најголемата енергетска криза која што човештвото ја памети, а тоа е војната во Арапскиот Залив, и покрај сите тие предизвици, денеска ако ме прашате, јас можам да кажам дека состојбата е стабилна, ќе имаме стабилна зима“, оцени премиерот.