Мицкоски разговарал со Рубио: Во период на сериозни геополитички предизвици, отворениот дијалог со стратешките сојузници има поголема тежина

Премиерот Христијан Мицкоски утрово информираше дека во Њујорк разговарал со државниот секретар на Соединетите Американски Држави, Марко Рубио.

„Овие разговори имаат особено значење и претставуваат потврда на важноста на стратешкото партнерство и континуираниот политички дијалог со Соединетите Американски Држави. Директната комуникација на високо политичко ниво е важна можност за размена на ставови за прашањата од заеднички интерес, за продлабочување на билатералните односи и за натамошно зајакнување на нашата позиција како стабилен и доверлив сојузник“, истакна Мицкоски.

Во период на сериозни геополитички предизвици, премиерот оцени дека силните партнерства и отворениот дијалог со нашите стратешки сојузници имаат уште поголема тежина.

„Македонија има јасни државни интереси и продолжува достоинствено и принципиелно да ги застапува заедно со нашите стратешки партнери. Продолжуваме да го јакнеме македонско-американското стратешко партнерство и да создаваме нови можности“, порача тој.

Според фотографиите, за време на средбата, во придржуба на Мицкоски, бил и шефот на македонската дипломатија, Тимчо Муцунски.