Мицкоски: „Расадник“ добива нов, современ и модерен лик

Нешто коешто со децении е оставено да пропаѓа со времето сега започнува да се реновира, реконструира, да добива еден нов современ, модерен лик, којшто ќе биде дом на многу спортски клубови. Еве слушнавме и од градоначалникот, дека можно е ракометниот клуб „Вардар“ да се пресели овде и ова да биде, официјален дом на ракометниот клуб „Вардар“, истакна премиерот Христијан Мицкоски за реконструкцијата на „Расадник“.

Најави дека Владата ќе продолжи да инвестира а капиталните инвестиции и реализацијата на капиталните инвестиции ќе биде прв приоритет.

„Нема да застанеме тука, во периодот што следи очекувајте уште многу инвестиции, во сите општини на целата територија на државата. На почетокот од следната година имаме нов повик за општините да аплицираат со нови проекти коишто ќе значат додадена вредност во квалитетот на живот на граѓаните.

Ќе се бориме со многу работа со многу труд, со многу енергија, против сите оние коишто сакаат да не влечат назад во минатото. Тоа е она коешто го очекуваат граѓаните од нас како Влада, а јас како прв човек на Владата ќе продолжам да работам во таа насока“, напомена Мицкоски.

Ја истакна како што рече, посветената работа и на министерот и на градоначалникот.

„Едниот во Министерството за спорт, другиот тука во општината. На советниците, коишто ја поддржуваат работата на градоначалникот, администрацијата, пратениците и сите добронамерници, бидејќи навистина можеме со дела да покажуваме колку си ја сакаме татковината и јас мислам дека тоа е вистинскиот начин како треба да се однесуваме како луѓе коишто во одреден период во својот живот во политиката имаат можност да остават трајни вредности“, кажа Мицкоски.