Премиерот Христијан Мицкоски истакна дека стратегија на Владата е најпрвин економски да се зајакне земјава, а потоа од консолидираните пари да се отвори македонски конзулат не само во во Корча, туку и во други земји во светот.
„Резултат на таа економска бездна во која што ние се наоѓаме се токму оние 180 евра буџет што ги добива македонскиот амбасадор во Тирана.И не само во Тирана, туку и 300 евра добива месечен буџет македонскиот амбасадор во Брисел, 300 долари добива македонскиот амбасадор во САД, бидејќи толку има ова покрадена, опљачкана Македонија која ние се обидуваме некако да ја консолидираме за да можеме со тие пари кои ќе ги консолидираме да отвориме не само конзулат во Корча, туку и во многу други места во светот“, рече Мицкоски одговарајќи на пратеничко прашање поставено од пратеникот на Левица, Димитар Апасиев дали нашата Влада ќе се заложи да се отвори македонски конзулат во Корча.
Премиерот потенцира дека во меѓувреме додека не можеме тоа да го направиме, односно го немаме тој капитал за тоа да го направиме, се обидуваат да дејствуваат преку почесни конзули.
Се надева дека многу скоро од денеска ќе имаме конзулат и во соседна Албанија. Нагласи дека ако сакаме навистина да зборуваме на ниво на стратегија е подготвен да разговара со секој, кој има конструктивен предлог.
„Македонците не само во Албанија, туку и во Србија, и во Бугарија, и во Грција и во Косово, и насекаде во светот, треба да знаат дека еден од главните приоритети на оваа Влада се токму тие, но и оние кои биле дел од таа економска асимилациона политика. Затоа, ајде заедно нормално да разговараме и да правиме стратегија како најпрвин економски да ја зајакнеме Македонија“, порача Мицкоски.