Мицкоски порача дека Владата се водела по принципот на резултати, а не на комфор: „Функциите не се стекнато право, туку одговорност“

Премиерот Христијан Мицкоски денеска во Собранието, образложувајќи ја реконструкцијата на Владата, порача дека функциите не се стекнато право, туку одговорност што мора повторно да се заслужува секој ден.

Тој истакна дека Владата од самиот почеток се водела од принципот да биде „влада на резултати, а не на комфор“ и нагласи дека реконструкцијата не треба да се гледа како крај на нечие работење, туку како продолжување на реформите и подобрување на ефикасноста.

„Функцијата никогаш не била и никогаш нема да биде цел сама по себе. Таа е средство преку кое му служите на народот. Довербата што граѓаните ја дадоа не му припаѓа ниту на премиерот, ниту на министрите, туку единствено на граѓаните“, истакна Мицкоски.

Премиерот им се заблагодари на министрите кои се разрешуваат, оценувајќи дека чесно и одговорно ги извршувале своите должности.