Мицкоски по средбата со фон дер Лајен: Македонија сака процес што ќе се движи напред, очекуваме тој да биде фер и предвидлив

Премиерот Христијан Мицкоски денеска во Владата имаше средба со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на која, како што сподели, отворено разговарале за европската иднина на Македонија, реформскиот процес и предизвиците на патот кон членство во Европската Унија.

„Нашата определба е јасна и непроменета, сакаме Македонија да биде дел од Европската Унија и посветено работиме на исполнување на реформските обврски. Истовремено, очекуваме процес кој ќе биде фер, предвидлив и заснован на јасни правила, во кој исполнувањето на обврските ќе значи конкретен напредок и нема да остава простор за нови билатерални условувања“, истакна Мицкоски.

Тој посочи дека за време на средбата се разговарало и за односите со источниот сосед и за потребата Европската Унија да биде поактивно вклучена во создавањето услови за одржливо европско решение, засновано на дијалог, заемно почитување и јасни обврски за сите страни.

„Паралелно продолжуваме со реформите дома во владеењето на правото, јавната администрација, економијата, дигитализацијата и образованието. Нашата цел е придобивките од европската интеграција граѓаните да ги почувствуваат уште пред формалното членство, преку повеќе инвестиции, подобра инфраструктура, пристап до европскиот пазар и нови можности за младите. Македонија сака процес што ќе се движи напред, ќе создава конкретни резултати и ќе ја врати силната доверба на граѓаните во европската перспектива. Верувам дека со поголема вклученост, отворен дијалог и јасна политичка волја можеме да направиме реален исчекор на нашиот европски пат“, порача премиерот.