Мицкоски: Пендаровски го прекрши Уставот, да каже врз сонова на кои аргументи му го додели мандатот на Заев

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски со дел од партиската пратеничка група попладнево во 15:30 часот ќе оди на средба кај претседателот на државата Стево Пендаровски во вила Водно и ќе бара од него да им ги соопшти аргументите и доказите врз основа на кои му го додели мандатот за формирање нова влада на лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

На прес-конференција пред партискиот штаб, Мицкоски обвини дека со доделувањето на мандатот, Уставот е прекршен, а дел од таквиот чин, според него, сега е и претседателот Пендаровски зашто на Заев му го дал мандатот без тој да му приложи доказ дека обезбедил мнозинство.

Според Мицкоски, со доверувањето на мандатот, целта на Пендаровски е да му овозможи уште 20 дена преговарање на Заев за влада.

– Очекуваме и апелирам Пендаровски да не прими мене и уште еден пратеник за да разговараме за доказите со кои Заев го убедил да го добие мандатот. Бараме да ни објасни врз основа на кој доказ и документ му го довери мандатот на Заев, истакна Мицкоски.

Мандатот, оцени Мицкоски, е узурпиран и со ова продолжува праксата на кршење на Уставот.

– Од страна на претседателот на државата Стево Пендаровски денеска беше прекршен Уставот. Без никаков доказ кој е неопходен за поседување парламентарно мнозинство од најмалку 61 пратеник, тој го додели мандатот за состав на нова влада на пратеникот Зоран Заев. Без доказ, без потврда дека поседува мнозинство, Пендаровски го додели мандатот за состав на нова влада. По кои критериуми Пендаровски одлучи мандатот да го додели на партија и човек кој не достави доказ дека поседува мнозинство во Парламентот. Мандатот без доказ може да се додели и во рацете на ВМРО-ДПМНЕ кое освои најмногу пратеници во македонскиот блок или на ДУИ, ДПА, Левица, Алијанса, Алтернатива или на која било друга политичка партија која е во Парламентот, рече Мицкоски.

Според него, „Пендаровски ја злоупотребуваше и вонредната состојба, продолжувајќи ја толку долго и толку пати колку што на Заев му беше потребно да направи институционален поткуп за време на завршените предвремени избори“.

– Пендаровски покажа дека не е претседател на сите граѓани, а најмалку заштитник на Уставот, туку дека е пион, извршител во рацете на неговиот партиски шеф Зоран Заев. Ваквото узурпирање на мандатот е со цел да се добие дополнително време во кое претседателот на СДСМ, кој инаку самиот признава дека нема мнозинство, ќе ги искористи овие 20 дена врз основа на претходното искуство кое го видовме, да прави непринципиелен и нехуман притисок и уцени врз пратеници за да обезбеди мнозинство во Парламентот, рече Мицкоски.

Тој додаде и дека Уставот е јасен – потребен е доказ за поседување мнозинство врз основа на кој се доделува мандатот. Се друго, како што рече, е кршење на Уставот.

Мицкоски нагласи дека ќе оди пред канцеларијата на Пендаровски попладнево во име на повеќе од 315.000 граѓани кои го дале својот глас за ВМРО-ДПМНЕ и за коалицијата „За обнова на Македонија“, како и во име на другите кои не се согласуваат со „вакво кршење на Уставот“.

– Јас не го влечев за јазик Пендаровски кога велеше дека сите ќе не собере и ќе го истражи потенцијалот на политичарите дали имаат мнозинство или немаат. Тој самиот тоа го кажа. Јас не го терав со сила Пендаровски да каже дека очекува доказ за формирано парламентарно мнозинство, па после тоа ќе го даде мандатот. Самиот тоа го изговараше. Очекувам да си остане на зборот, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, одговорајќи на новинарско прашање.

Тој повтори и дека ниту еден пратеник од неговата партија нема да им даде поддршка на Заев и СДСМ за формирање Влада.

– Изминатото деноноќие уште тројца пратеници пријавија „добронамерници“ кои во име на Заев и СДСМ нудат привилегии само за да обебзедат поддршка за СДСМ, рече Мицскоски.