Мицкоски: „Ова е тежок и многу тажен ден за Македонија“

Премиерот Христијан Мицкоски се огласи на социјалните мрежи по повод страшниот пожар во Кочани, во кој загинаа и беа повредени голем број млади луѓе. Тој ја изрази својата длабока тага и сочувство кон семејствата на загинатите, повикувајќи на заедништво и мобилизација на институциите за целосно справување со последиците.

„Со длабока тага ја примив веста за страшната трагедија во Кочани. Ова е тежок и многу тажен ден за Македонија. Загубата на толку многу млади животи е ненадоместлива, а болката на нивните семејства, најблиски и пријатели е неизмерна.“

Мицкоски нагласи дека Владата и институциите ќе сторат сè што е во нивна моќ за да им помогнат на погодените семејства.

„На повредените им посакувам брзо закрепнување, а на семејствата на загинатите – сила да ја издржат оваа незамислива загуба. Народот и Владата ќе направат сè што е во нивна можност барем малку да ја ублажат нивната болка.“

Тој ги повика сите надлежни институции, вклучувајќи ги здравствените служби, полицијата и локалните власти, да преземат итни мерки за поддршка на жртвите и нивните семејства.

„Владата е целосно мобилизирана и ќе направи сè што е потребно за справување со последиците и утврдување на причините за оваа трагедија. По добивање на сите информации, ќе ѝ се обратам на јавноста со повеќе детали за преземените чекори.“

На крајот од објавата, тој упати порака на заедништво и солидарност:

„Во овие времиња на длабока болка, кога нашите срца се скршени поради оваа ужасна трагедија, повикувам на заедништво, сплотеност, хуманост и одговорност. Бог да биде со семејствата на жртвите, повредените и со целиот народ на Македонија.“