
Секаде подеднакво инвестираме, продолжуваме со реализација на инфраструктурни проекти, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски при неговата посета на општина Желино, каде присуствува на пуштање во употреба на нов пат.
„Еден од тие проекти е овој на којшто денес ние стоиме, министерот кажа дека во вториот повик имаме повеќе од 2.5 милиони евра, проекти што ќе бидат финансирани за Општина Желино, а во првиот повик некаде над 800.000 евра, тоа е вкупно околу 3.3, 3.4 милиони евра директно од буџетот коишто ќе бидат финансирани за Општина Желино проекти. Јас само можам да посакам уште повеќе вакви проекти, бидејќи ова се реалните потреби на граѓаните, ова се потребите на македонската економија, се разбира компаниите што ова го градат и наша задача како Влада е да обезбедиме подеднакви правилни услови за развој на сите деловите од целата територија на државата, без разлика дали таму живеат Македонци, Албанци, Турци, Роми, Власи, Срби, Бошњаци или останати“, истакна Мицкоски.
Тој додава дека нема делба, секаде подеднакво ќе се развива и секаде подеднакво ќе се инвестира.
„Додека јас сум претседател на Владата гарантирам подеднаков развој на секој метар квадратен територија на Македонија“, истакна премиерот Мицкоски.
Одговарајќи на новинарско прашање, премиерот рече: „Исклучително многу вложивме во делот на земјоделието. Кај земјоделците навистина доста трансвери се направија изминатиот период, се вратија долгови од минатото. Од ова година веќе ќе почнеме тековно да ги сервисираме обврските“.
„Во првиот квартал за оваа година скоро за 5% е зголемен извозот на земјоделски производи. Кај тутунот се постигна историски рекордна цена и кај останатите земјоделски производи, но исто така и во овоштарството. Така што можам да кажам дека тука е направен голем чекор напред, но тука не застануваме, продолжуваме понатаму и убеден сум дека во периодот кој што следи ќе постигнеме уште подобри резултати бидејќи тоа ни влегува во БДП и тоа е многу важно за да се развиваме во правилна насока а ние како Влада ќе продолжиме да ги поддржуваме земјоделците“, изјави Мицкоски.