Мицкоски од Центар: СДСМ е на власт 8 години овде, ветуваа мораториум на градење, паркови и решавање на сообраќајниот хаос, а добивме интензивна бетонизација и нула зеленило

На денешниот митинг на ВМРО-ДПМНЕ во општина Центар, претседателот Христијан Мицкоски истакна дека СДСМ е на власт во Центар цели осум години, ветуваа мораториум на градење, паркови и решавање на сообраќајниот хаос, а она кое центарци го добија е интензивна бетонизација и нула зеленило.

-Овде СДСМ е на власт 8 години. Пред да дојдат на власт ветуваа мораториум на градењето, нови паркови и решавање на сообраќајниот хаос. После 8 години власт на СДСМ имаме супер интензивна бетонизација, немаме нови паркови и имаме сообраќаен хаос како никогаш порано. Без оглед кој е градоначалник од СДСМ, овие 8 години однесувањето им остана исто. Знаете ли каде е вистинскиот проблем со бетонизацијата и урбаната мафија? Затоа што постои пакт на криминалците со пари и нивните луѓе во политиката. Тој пакт раѓа бетон кој за граѓаните значи ограничување на нивната слобода, а за овие другите значи пари, рече Мицкоски.

Мицкоски увери дека тој и луѓето колку него никому не должат, и не прават пактови со криминалците.

-Должиме само на народот кој мора да знае дека нема да дозволиме бетон кој ќе ја ограничува и одзема нивната слобода и нормалниот живот, вели Мицкоски.

Тој посочи граѓаните на Центар да ја поддржат професорката Наташа Котлар и Данела Арсовска за Скопје кои дами ќе обезбедат развој на општината и големи промени во градот Скопје.