
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на вечерашниот митинг во Центар во рамките на кампањата за локалните избори под слоганот „Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! Твојата иднина!“, остро се осврна на опозициската партија и нејзините претставници, обвинувајќи ги за безидејност и страв од пораз.
„Вчера нашите противници беа тука. Освен што кажаа дека ќе нè направеле салата на изборите, ништо друго не понудија. Заев нудеше живот и ајро, а Венко среќа и салата. Но вистината е дека ниту среќа ќе донесат, ниту салата ќе нè направат. Народот салата нив ќе ги направи на овие локални избори“, изјави Мицкоски, додавајќи дека на митинзите на СДСМ „со лупа не може да се најде пратеник или функционер од нивната партија, бидејќи бродот што тоне сите го напуштаат“.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ нагласи дека СДСМ е „нереформирана партија во целосна безидејност“ и ги обвини нејзините раководители дека се истите луѓе кои „виткаа кичма и потпишуваа капитулации со Бугарија“.
„Не за џабе Венко и неговиот гуру се македонските политичари со највисок рејтинг во Бугарија. Тие денеска зборуваат за црвени линии, а всушност подготвуваат нови отстапки и ново предавство. Јасно им порачувам – додека јас ја водам Владата, нема да има никакви отстапки што ќе ја загрозат Македонија и македонскиот народ,“ рече Мицкоски.
Тој порача дека ВМРО-ДПМНЕ влегува во изборите со цел да ја врати, како што рече, „достоинствената и одговорна политика“ и да ги порази оние кои ја довеле државата во застој.