Мицкоски: Очекувам историска победа – меѓу 45 и 50 градоначалници и Град Скопје

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во вечерашното гостување во подкастот „Проверитас“ изјави дека очекува убедлива победа на локалните избори, предвидувајќи дека кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ ќе освојат меѓу 45 и 50 општини, вклучително и Град Скопје.

„Очекувам убедлива победа повторно на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата. Очекувам минимум помеѓу 45 и 50 градоначалници плус главниот град Скопје. Сега имавме точно 42. Некои ми викаат дека сум песимист, некои велат ќе имаме и повеќе. Јас навистина не знам колку е тоа повеќе, но очекувам историски резултат, затоа што граѓаните чувствуваат дека искрено сме влезени и сакаме да направиме промени,“ рече Мицкоски.

Тој додаде дека ВМРО-ДПМНЕ води „точна и прецизна кампања со јасна порака, насочена кон решенија, а не кон црна кампања или лични напади“.

Мицкоски се осврна и на коалицискиот партнер во Владата – партијата ВРЕДИ, оценувајќи дека нивната кампања е ориентирана кон конкретни проекти и стратегии за развој на општините, за разлика од, како што рече, ДУИ, чија политика ја опиша како фокусирана на поделби и лични интереси.

„Мене ми е навистина драго што ВРЕДИ е фокусиран на проекти. Нивните кандидати зборуваат за стратегии и планови што ќе ги реализираат во својот мандат. Тоа не можете да го слушнете од нивните конкуренти, ДУИ – кај нив пораката е една: поделба и оградување на теренот на интерес,“ истакна Мицкоски.