Мицкоски: Не сум го добил писмото на Ахмети, кога ќе го добијам ќе му пристапам со големо внимание

Премиерот, Христијан Мицкоски, изјави дека не го добил писмото од лидерот на ДУИ, Али Ахмети за кое претходно информираа Интегративците преку допис до медиумите.

„Не сум го добил, кога ќе го добијам ќе го коментирам, добивам дневно многу писма и пораки и со големо внимание пристапувам во комуникација со граѓаните. Ахмети е граѓанин и мора да се посвети внимание на секое писмо“ кажа Мицкоски

Премиерот рече дека тој и вицемпремиерот Меџити не играат фудбалчиња, работат и се одговорни

Демократска унија за интеграција (ДУИ) претходно денес информира дека претседателот на партијата, Али Ахмети, упатил официјално писмо до претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во врска со одлуките на Уставниот суд. Во писмото кое го објави ДУИ, меѓудругото стои дека во оваа комплицирана средина секое ново нарушување на меѓуетничките односи би имало сериозни последици за внатрешната кохезија и предвидливост.

Ахмети вчера испрати писмо и до претседателот и премиерот на Република Албанија, Бајрам Бегај и Еди Рама, петседателката и премиерот на Република Косово, Вјоса Османи и Албин Курти, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, канцеларот на Германија, Олаф Шолц, претседателот на Франција, Емануел Макрон, и до државниот секретар на САД, Ентони Блинкен. Во писмата Ахмети им пиша дека Охридскиот договор е загрозен и повика на заедничка акција.