Мицкоски: Не може европската иднина на Македонија да зависи од билатерални барања

Премиерот Христијан Мицкоски повторно упати критики кон Европската Унија поради долгогодишниот застој на македонските евроинтеграции, оценувајќи дека земјата веќе 15 години се соочува со блокади поради прашања што не се поврзани со суштинските критериуми за членство.

Говорејќи на панелот „Отпорноста како императив за севкупното општество“, во рамки на самитот што се одржува во Диселдорф, Германија, Мицкоски порача дека Унијата треба да покаже поголема одговорност и да реагира кога билатералните прашања стануваат пречка за напредокот на земјите кандидати.

Тој посочи дека ваквите блокади не ја засегаат само Македонија, туку ја отвораат и пошироката дилема за функционирањето на европскиот систем и неговата способност да ги надмине внатрешните несогласувања.

Според Мицкоски, кога една земја членка може да го условува напредокот на земја кандидат со билатерални барања, тоа претставува слабост во системот на Европската Унија. Притоа, тој нагласи дека притисоците не мора да бидат воена или безбедносна закана, туку можат да произлезат и од политички и дипломатски механизми.

Премиерот се осврна и на разликата меѓу европската интеграција и зачувувањето на националниот идентитет, истакнувајќи дека членството во Унијата треба да значи прифаќање нови вредности, а не откажување од сопствениот идентитет.

Мицкоски потсети дека Македонија го започнала својот европски пат пред 26 години, уште пред Хрватска да стане членка на ЕУ. Тој нагласи дека земјата е членка на НАТО и целосно ја усогласува својата надворешна политика со европската, оценувајќи дека досега покажала посветеност кон европските безбедносни и политички принципи.

Во таа насока, тој порача дека очекува Европската Унија да преземе поактивна улога во надминувањето на пречките што го забавуваат процесот на проширување.