Премиерот Христијан Мицкоски ја оцени средбата со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен како пријателска и содржајна, но рече дека не е задоволен од нејзините пораки во врска со уставните измени.

Мицкоски изјави дека средбата може да биде важна за идните процеси и најави дека веќе следната недела би можеле да започнат разговори со Бугарија.
„Не можам да кажам дека сум задоволен од пораките што ги испрати претседателката. Таа јасно кажа дека на маса останува промената на Уставот, работа која беше прифатена од претходната влада“, рече Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања во Скопје.
Според него, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија веќе побарало билатерална средба со бугарската страна, по совет од Фон дер Лајен. Средбата би требало да се одржи на маргините на состанокот посветен на Коридорот 8.
Мицкоски рече дека не очекува Бугарија да го одбие барањето.
„Не би било паметно да одбијат, но тоа е нивна суверена одлука“, изјави премиерот.
Тој, сепак, оцени дека пораките од Брисел имаат и позитивен аспект, особено во делот на постепената интеграција на земјите кандидатки во Европската Унија.
„Постепената или градуална интеграција е исто така шанса за нас. Сето ова нè охрабрува и нè мотивира да продолжиме по патот на реформите“, рече Мицкоски.
Тој најави и две патувања во Брисел во ноември – едното на средба со еврокомесарката за проширување и добрососедска политика, а второто за регионален самит меѓу ЕУ и Западен Балкан. Во однос на домашната политичка сцена, Мицкоски ја обвини претходната владејачка коалиција предводена од СДСМ и ДУИ дека не нуди решенија за спорот со Бугарија. Тој ги отфрли тврдењата дека неговата влада ќе ја менува преговарачката рамка со ЕУ.
Премиерот рече дека за решавање на отворените прашања ќе бидат потребни „време и трпение“ и додаде дека Владата ќе продолжи да работи на европската интеграција.
На прашањето што би се случило доколку Бугарија ја одбие иницијативата за средба, Мицкоски рече дека тоа би ги потврдило „тезите“ и загриженоста што ги има македонската страна, но повтори дека не очекува такво сценарио.