Немам покана за лидерска средба, истакна лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ при денешната посета во Прилеп.
Тој рече дека ќе се консултира со коалициските партии и раководството на ВМРО-ДПМНЕ, за да се донесе конечен став дали ќе присуствува на средбата која за понедленик ја најави претседателот на Владата, Димитар Ковачевски.
-Немам покана за лидерска средба. Не знам што е планот. Ќе се консултираме со раководството на партијата, коалиционите партнери и со пратеничката група и ќе изградиме став дали ќе одиме, или нема, и зошто. Добро е таму да се разговара за актуелните проблеми – беспарицата, високите цени, инфлацијата, криминалот и корупцијата, енергетската состојба… Тоа е она што ги мачи граѓаните, а не за уставни измени за кои им текнало на Ковачевски и мала група околу него за да си ги спасуваат политичките кариери – изјави Мицкоски.
Тој смета дека политичарите во земјава треба да наоѓаат решенија за проблемите кои ги мачат граѓаните, како што е на пример, тешката економска ситуација и високите цени.
-Ние како политичари треба да наоѓаме решенија за овие проблеми, а не да зборуваме за нешто што не споменува никој. Ако мисли дека ВМРО ДПМНЕ ќе го промени ставот – нема. Ставот е тој. Вакви консултации широки требаше да има пред пет шест месеци кога ја распородаваше Македонија. Сега е доцна. Сега треба да зборуваме за ако нема мнозинство, за дата за предвремени избори, тоа е одговорно. Да се фокусираме на реалните проблеми на граѓаните. За тоа сум подготвен да го разговараме – истакна Мицкоски.