Мицкоски: „Нашата иднина е во ЕУ, но со почитување на македонскиот идентитет“

Премиерот Христијан Мицкоски во Лондон истакна дека денот бил „многу плоден“, со низа состаноци посветени на економијата, безбедноста и процесот на интеграција на Македонија во ЕУ. Тој нагласи дека темите дополнително ги опфатија нелегалната миграција и инвестициските проекти.

„Ние практично ја браниме Европа од Европа, бидејќи кај нас мигрантите реално од земји-членки на ЕУ нелегално влегуваат“ — рече Мицкоски и додаде дека ја изнел идејата дека британски експерти и припадници на армијата би можеле да помогнат во заштитата на јужно-источната граница на Република Северна Македонија.

Во делот на безбедноста, тој спомена дека развојот на гасните интерконектори со соседите, како и коридорите 8 и 10, се од клучно значење: „Овој што во моментот го градиме со нашиот јужен сосед… а тој којшто планираме многу скоро да го отпочнеме со нашиот северен сосед, а тоа е Србија“ — рече Мицкоски.

Тој истакна дека биле презентирани и планови за инвестиција во фабрика во рамки на наменската индустрија, вредна 150 милиони долари, со потенцијал до илјада вработувања, и нагласи дека „иднината на државата е во рамките на ЕУ, тоа е една од нашите последни стратешки цели.“

Мицкоски потсети дека домашната задача е најважна, но исто така подвлече: „мора да победуваме и дома и во Лондон и во Брисел и во Париз и во Берлин и во Рим и во Вашингтон“ — во борбата за националните интереси.