
Премиерот Христијан Мицкоски најави можно поевтинување на дизелот за шест до шест и пол денари по литар, додека цените на бензините би останале речиси непроменети или би се зголемиле за најмногу половина денар.
Одговарајќи на новинарски прашања, Мицкоски информираше дека утре ќе се одржи онлајн владина седница на која ќе се разгледуваат мерките поврзани со цените на горивата.
Според владините анализи, базирани на движењата на светските берзи во втората половина на мај и во текот на изминатата недела, се очекува постепена стабилизација на цените и на домашниот пазар.
Премиерот посочи дека повластената стапка на ДДВ за бензините ќе се врати од 10 на 18 проценти, додека намалената акциза од два денари по литар за дизелот и безоловните бензини ќе остане во сила.
Дополнително, Владата води разговори со компанијата „Окта“ за можни попусти во првата половина на јуни.
Според Мицкоски, и покрај динамичниот тримесечен период на енергетските пазари, земјата успеала да ја зачува ценовната стабилност и непреченото снабдување со нафтени деривати.
Тој нагласи дека во одредени денови побарувачката на бензинските пумпи била зголемена и до 50 проценти во однос на вообичаеното ниво.