Мицкоски на Самитот: Имаме визија во која Западниот Балкан повеќе не е чекална, туку регион кој расте и еволуира

Денеска им посакав добредојде на сите лидери од Западен Балкан, каде што се надевам дека ќе имаме доста плоден и успешен Самит, со заклучоци дека од денеска па во иднина ќе бидеме дел од Европското семејство, сподели премиерот Христијан Мицкоски.

На самиот почеток, како што вели во објавата на социјалните мрежи, се заблагодарил на еврокомесарката за проширување и добрососедска политика, Марта Кос особено на личната посветеност и напорите со кои таа ја водела имплементацијата на развоен план подржан од сите партнери.

„Денеска сме сите заедно решени да одиме кон посилна, поотпорна и поинтегрирана европска иднина, западниот Балкан е регион богат со потенцијал и амбиција. Овој Самит е посветен на заедничка визија, визија во која се зголемуваат инвестициите, иновациите цутат, а интеграцијата создава можности, кои се достапни за сите, визија во која Западниот Балкан повеќе не е чекална, туку регион кој се движи, расте и еволуира. Како Влада оваа визија не води во секој чекор што го правиме, во нашите заеднички реформски напори и регионалната соработка. Овој европски пат им припаѓа на сите граѓани, на сите бизниси, на секоја заедница, сите да бидеме дел од оваа трансформација, истакна Мицкоски.

Тој објаснува дека кредибилитетот на Планот на ЕУ се заснова на исполнување на ветувањата и испорачување на придобивките, граѓаните треба да ги почувствуваат придобивките од интегрирањето сега во нивните бизниси, во институциите, во секојдневниот живот.

„Сите имаме заедничка иднина и за да обезбедиме единство и стабилност потребно е да работиме заедно како соседи, како партнери, како регион. Заедно можеме да изградиме силен и поврзан регион, кој е просперитетен, инклузивен и европски, заклучи премиерот.