
Премиерот Христијан Мицкоски денеска беше во работна посета на компанијата „Макпрогрес“ во Виница, по повод отворањето на новата фабрика за кондиторски производи - фабрика во рамки на брендот „Винчини“.
Во рамки на посетата Мицкоски оствари работен состанок со менаџерскиот тим на компанијата, на кој се разговарало за тековните економски состојби, извозните резултати, инвестициските активности и идните развојни планови на компанијата.

„Исклучително сум импресиониран за тоа што од еден скромен семеен бизнис „Винчини“, односно „Макрпогрес“ во случајов, прераснува во, би рекол, регионален гигант. Со промет од повеќе од 40 милиони евра, компанијата навистина претставува еден од фундаментите, од темелите на македонската кондиторска индустрија“, истакна премиерот.
Тој додаде дека тие како Влада ќе сторат сè што можат за да помагнат ваков тип на бизниси, бидејќи, како што рече, околу 80-тина проценти од вкупното производство е практично производство наменето за извоз.