Ми недостига мајка ми...

Мојата мајка сакаше украси. Секакви. Од стакло, од порцелан, керамика, големи, мали, ситни, во разни бои. Во нејзиниот дом секогаш имаше место за најразлични украси. Многу грижливо ги чуваше, секој од нив си имаше свое место и своја посебна приказна. Ние сите полека си одевме од дома, таа ги чуваше сите наши кукли и гумени играчки. 

Мојата мајка постојано некаде брзаше. Иако беше во пензија, потсеќаше на жена во најдобрите години, која се труди околу мажот и децата, а освен тоа успева и куќата секогаш да ѝ биде тип-топ.

Сакаше рачни изработки, плетеше шалови, завеси, џемпери, капи... Ние како разгалени деца баравме посебни бои, модели, се муртевме ако нешто не ни беше по мерак, а таа со многу љубов ни ги исполнуваше тие желби. 

Мојата мајка сакаше кога дома ќе ѝ свратеа гости, патници, роднини, деца. Се радуваше на секој гостин, секогаш имаше колачи, домашен сок и кафе, во случај некој да помине. 

Сакаше украсни обетки и бисери, скромна гардероба и чевли. Секогаш имаше руса бојадисана коса, сама си правеше фризури и сама се шишаше.

Мојата мајка не сакаше многу да не сака и гушка, повеќе сакаше со внимание да покажува љубов. Знаеше да се налути, да критикува и да фали. 

Си замина еден ден, додека се менуваа ноќ и ден. Знаеше дека тој ден доаѓа. Ми рече да ги поздравам сите и да им се заблагодарам и да им се извинам. Останаа писмата кои ги напиша последниот ден, топли зборови кои топлат срце. Остана полна куќа со украси кои со години ги собираше, евтини работи на кои таа им даваше вредност и душа. Останаа плетени чорпаи, шалови за многу следни зими, домашни цвеќиња, обетките и бисерите. Останаа и нашите играчки и гумени играчки за да потсетуваат на деновите кога нашиот дом беше засолниште. 

Ми недостига кога ми се плаче, за да ја споделиме тагата. Ми недостасува да ѝ кажам добра вест, па да ја дуплираме радоста. Ми недостасува да ме изненади со ручек и палачинки. Дури и критикувањето ми недостасува... Да ме налути, па и она мене, па да се муртиме некое време. 

Мојата мајка беше обична жена. Сакаше на својот едноставен начин. Храбро си замина, знаејќи каде оди. Се надевам дека сега е на поубаво место, дека е опкружена со цвеќињата кои ги сакаше. Нам ни го остави сето она што со години го чуваше, нешта кои, покрај љубовта, која нема облик, да бидат трага дека била тука и дека се вечна врска со минатите времиња.