Мезе, скара: Омиленото собиралиште во Градскиот парк на скопјани

Историјата на „Езерце“ започнала во 1949 година, кога била поставена железничката станица „Стив Наумов“ покрај теснолинејката по која возел популарниот воз „Ќиро“. 

Возот сообраќал на релација Скопје-Сарај некаде до 1960/61 година. На просторот на сегашното езерце бил поставен забавен парк. Стариот објект на „Езерце“ бил билетарница и додека функционирал забавниот парк било отворено бифе кое се викало „Два елена“.

Бифето работело до седумдесеттите години на минатиот век. Потоа во објектот почнала да работи ќебапчилницата „Езерце“, која почнала да се здобива со реноме и популарност.

Тогаш како закупец го држел Раде од „Три бисери“, од него го преземал Коста Кировски, а од Кировски во 1993 година го преземале Таше Андоновски и неговиот ортак Зоран Дабевски.