Методија Хаџи Јанев на чело на полкот за специјални операции на АРМ

Со денешната воена свеченост во касарната „Илинден“ во Скопје се изврши примопредавање на должноста командант на полк за специјални операции (ПСО) на АРМ.

Должноста командант на ПСО од бригадниот генерал Орце Јордев ја прими бригадниот генерал Методија Хаџи Јанев. На свеченоста, покрај министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, и началникот на ГШ на АРМ, генерал-потполковник Методија Величковски, присуствуваа генерали на АРМ, претставници од ГШ на АРМ, команданти на потчинетите команди и единици и други гости.

Досегашниот командант на ПСО, бригадниот генерал Орце Јордев, во својот говор кажа дека е чест и гордост повеќе од 23 години да се биде дел од оваа елитна единица на АРМ. Тој истакна дека предизвикот да ги зачува и надгради воспоставените високи критериуми на македонските „волци“ и „ренџери“ како командант на полкот доследно ги почитувал залагајќи го целиот свој потенцијал.

Новиот командант на ПСО, бригадниот генерал Методија Хаџи Јанев, пред стројот истакна дека времето и безбедносните предизвици обврзуваат оваа единица да го задржи стандардот што е постигнат досега, да се даде свежина за да може да се одговари на сериозните закани од кибер-просторот, асиметричните закани и современите технологии и да се зголемат психофизичката подготвеност и когнитивното знаење за на таков начин да помогнеме и да ја оствариме нашата мисија и мисијата на АРМ. Исто така, истакна дека целосната почит и довербата кон ПСО од страна на државно и воено раководство треба да се оправда со иновативност, прифаќање чекор со современите закани за да станеме дел од евро-атлантската заедница.

Во своето обраќање пред присутните министерката Шекеринска истакна дека припадниците на Армијата се високоценети од страна на партнерите во НАТО и дека со зголемувањето на нашето учество во мисијата „Одлучна поддршка“ во Авганистан за 20 проценти Македонија на дело покажа дека ја поддржува алијансата во напорите за воспоставување глобален мир и безбедност и дека Македонија го заслужува своето членство во НАТО. Понатаму, таа ги истакна приоритетите на Владата на Република Македонија и Министерството за одбрана за подобрување на условите за работа и за функционирање на Армијата на Република Македонија не само со зголемување на буџетот во Одбраната и не само со зголемување на платите на целокупниот воен состав. Притоа кажа дека се во тек набавки на 14.000 униформи за сите припадници на АРМ и чизми за секој припадник на Армијата на Република Македонија, а веќе се започнати постапките за реновирање дел од објектите токму во касарната „Илинден“.

Министерката му се заблагодари на досегашниот командант на полкот, генералот Јордев, за целокупната досегашна служба и посветеност во раководењето со оваа важна единица, а му честита на новопоставениот командант, генералот Хаџи Јанев, и му порача дека е убедена оти со неговото војничко искуство и знаење ќе го продолжи курсот по кој се движат специјалните сили и ќе ги надгради и со знаење, искуство и со посветеност.

Досегашниот командант на ПСО, бригадниот генерал Орце Јордев, со указ на претседателот е поставен за началник на штаб во ЗОК.