Меша Селимовиќ на најубав начин го објаснил единствениот начин како да се сака една жена...

Извадокот од романот „Тврдина“ е еден од најпознатите описи во историјата на балканската книжевност кој зборува за љубовта помеѓу мажот и жената. Ретко кој како Меша Селимовиќ умеел да на ваков начин да го објасни тоа возвишено, а толку едноставно чувство.

„Побуните траеја кратко, толку кратко, што не вредеше ни да се креваат. Особено што знаев дека без оглед на тоа колку сум лут, ништо не може да ми ја замени неа, оваква каква што е, теснограда во својата љубов, нетрпелива кон сѐ што би можело да ѝ одземе макар и едно мало делче од мене, нејзината своина. И набргу, од невештата побуна и наводната желба за слобода, се враќав во цврстата тврдина на нејзината љубов, како смирен бегалец кој не се ни помрднал далеку од капијата.

Животот не ни е наклонет и сами си ја создаваме нашата мала заедница, нашиот космос во кој еден на друг си го намируваме она што ни недостасува. 

Кога бев загрозен, мислев само на неа, се храбрев со нејзиното присуство. Кога ми беше тешко, си го спомнував нејзиното име како молитва, наоѓајќи олеснување. Кога ќе почувствувам радост, трчам за да ја споделам со неа, благодарен сум ѝ на неа, како таа да ми ја подарува радоста. 

Таа е добар човек и убава жена, но она што е само за мене, тоа сам го создадов. Дури и да имаше големи мани, јас не би го знаел тоа. Потребна ми е совршена и не можам да си дозволам да не биде таква. Нејзе ѝ го дадов сето она што не го најдов во животот, а без кое не можам. Дури и се смалувам пред неа, за таа да биде поголема, а со нејзина помош и јас да бидам таков. Богато ја дарувам, за да можам да земам. Јас сум осуетен, таа е остварена и јас така сум обештетен. Таа ми го намирува загубеното и добивам многу повеќе отколку што сум сакал да имам. Моите желби беа магловити и раштркани, сега се собрани во едно име, во еден лик, пореален и поубав од која било фантазија. 

Нејзе ѝ признавам сѐ што не сум јас, а сепак ништо не губам со одрекувањето. Немоќен пред луѓето и слаб пред светот, значаен сум пред своето творештво, многу повредно од нив. Неспокоен пред целата несигурност, сигурен сум пред љубовта, која се создава сама од себе, затоа што е потреба, претворена во чувствување. Љубовта е жртва и насилство, нуди и бара, моли и кара.

Оваа жена, целиот мој свет, ми е потребна за да ѝ се восхитувам и за над неа да ја почувствувам својата моќ. Ја создадов како дивјакот својот идол, да му стои над пештерскиот оган, заштита од гром, непријатели, ѕверови, луѓе, небо, самотија, да бара од него обични работи, но да го бара и невозможното, да чувствува воодушевување, но и огорчување, да се заблагодарува и да критикува, секогаш свесен дека без него стравовите би биле претешки, надежта без корен, радоста без траење. Поради неа, исклучиво поради неа, луѓето ми станаа поблиски.“