ЧУВАЈТЕ ГИ НЕРВИТЕ: Декември е месецот кога има најмногу разводи во Македонија

Декември е месецот кога има најмногу разводи во Македонија, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика веќе неколку години наназад. 

Во декември лани се развеле 205 брачни пара, што е 10,5 отсто од вкупно 2.200 разводи во 2015 година. Годината претходно тој процент бил поголем - во декември 2014 се случиле 11,2 отсто од вкупно 2.210 разводи во 2014 година.

Истата ситуација ја има и во 2013 година. Тогаш се развеле 2.045 брачни пара, повеќето во критичниот декември.

Единствено во 2012, како месец со најмногу разводи, Заводот за статистика го забележал април.

Според статистичарите, август е најмирен месец за брачните заедници. Веќе неколку години тоа е периодот во кој во државата има најмал број разводи.

Како по правило, сопружниците што се разведуваат најчесто се на возраст од 30 години до 34 години. Просечно, браковите траат од пет до девет години. Најголем број од разводите минатата година се случиле во овој период од траењето на бракот.

Како причини за трендот на разводи на крај на годината, социолозите ги посочуваат ниското ниво на толеранција кај сопружниците, притисокот од секојдневните и од финансиските обврски, вкупната општествена и економска состојба, губењето на традиционалните вредности...

Белгија е земјата во која има најмногу разводи, и тоа на светско ниво. Во оваа држава секоја година има по околу 32 илјади разведени бракови. Стапката на разводи е фрапантни 71 отсто. Португалија е на второто место со стапка на разводи од 68 отсто. Следуваат Унгарија, Чешка и Луксембург, каде што повеќе од половината склучени бракови (60 отсто) по извесно време завршуваат со развод.