Месечно од 70 до 80 граѓани завршуваат на Инфективно поради каснување од куче

Само во јануари, годинава, 74 граѓани завршиле на Клиниката за инфективни болести поради каснување од куче.

Според официјалните податоци од Клиниката во последното тримесечие од минатата година, 228 пациенти побарале лекарска помош од истата причина, угриз од куче. Во однос на последното тримесечје од 2016 година бројот на нападнати граѓани е сличен, со минимално зголемување од два пациента во 2017 година.

Граѓаните се жалат дека не се чувствуваат безбедни, глутници кучиња има сегде покрај улиците, училиштата, зградите, трговските, парковите и стануваат се поагресивни.

– Го изнесов детото да го прошетам во паркот “Борис Трајковски” во Ченто деновиве. Кога излезе една глутница кучиња првпат ги гледам и почнаа да кружат околу нас. Јас сум љубител на кучиња, но првпат ме фати страв, го зедов детето и избегав. И порано сум го шетала детето во паркот но овде имаше само две улични кучиња кои сите ги знаевме и тие не напаѓаат, за жал населбата сега ни се наполни со улични кучиња и јас не планирам веќе да шетам деца додека надлежните не преземат нешто да го средат овој проблем, вели Јована од Ченто.

Со кучињата скитници мака мачат сите жители на градот. Информациите дека куче каснало некој се редовни во дневните извешати на полицијата. Последната беше викендов кога двајца граѓани беа нападнати од кучиња во строг центар на самиот плоштад “Македонија” каде што секојдневно поминуваат илјадници граѓани и туристи. Другите двајца беа гризнати во општина Ѓорче Петров.

– Мислам дека бројот на кучиња скитници се повеќе се зголемува во Скопје. Тоа го велам бидејќи сам гледам дека на некои локации сега постојат глутници кои порано ги немало овде. Јас многу сакам да возам велосипед, но искрено ми е страв да возам поради кучињата кои се нафрлаат на велосипедистите. Не ми е јасно како не може со години да се реши проблемот со кучињата, вели Игор од Ѓорче.

На крајот на минатата година две случки со каснувања од куче особено ја потресоа јавноста. Едното се случи во Аеродром, каде што куче од расата ротвајлер искаса повеќе деца. Не поминаа ни неколку дена, а глутница кучиња во Општина Илинден нападнаа жена турнувајќи ја на тротоарот и гризејќи ја.

Од Инфектологија посочуваат дека најголем дел од каснувањата се на екстремитетите. Ако граѓаните не побараат лекарска помош по каснувањето, од клиниката велат дека граѓаните се соочуваат со ризикот да настане инфекција на раната (ако не се истретира хируршки и не прима соодветна антибиотска терапија, доколку за тоа има потреба) да се добие тетанус и во зависност од епизоотската состојба на беснило во регионот, се стваат во ризик за заразување со беснило.

– Терапија која ја примаат пациентите се спроведува по протокол за заштита од беснило и тоа: 1. Хируршка обработка на рана 2. Пасивна имунизација(хуман антирабичен имуноглобулин) 3. Активна имунизација за беснило 4. Антитетанична профилакса (во зависностод вакцинален статус на пац. за тетанус. Пред започнување на антитетанична профилакса треба да се добијат следните информации: дали има угриз и каде е лоциран, од кое животно е нанесен угризот (куче; маче, лисица крт, лилјак,)дали животното е испровоцирано, дали животното е вакцинирано, каква е епизоотската состојба за беснило во регионот, дали животното е познато и дали е достапно за тестирање и опсервација од страна на ветеринарна служба, велат од Инфективно.

Од клиниката посочуваат дека во никој случај до сега не е загрозен животот на пациент заради не примање на вакцина и серум против беснило веднаш по настанатите повреди. Од таму наведуваат дека многу е битно пред се хируршки да се обработи раната, а потоа да се пристапи кон постапката по протокол за оваа болест.

Од град Скопје најавија решение за проблемот со кучињата скитници, во неколку чекори, но засега не се спроведува никаква акција, а истовремено нивниот број се повеќе се зголемува и стануваат се поагресивни.

  Уличните кучиња најголем проблем и за 40 отсто од граѓаните од југоистокот

Проблемот со бездомните кучиња е подеднаков и во останатите општини во земјава. Градоначалниците од југоистокот констатирале дека граѓаните до нив најмногу се пожалиле на проблеми со дивите кучиња. Поради тоа општините од овој дел на земјава планираат заеднички да го решат овој проблем.