Мерните станици не го мерат загадувањето на воздухот

Три клучни мерни станици во градот кој го мерат квалитетот на воздухот што го дишат скопјани се надвор од функција.

Заклучно со денешниот ден, 336 дена не работи мерната станица во Гази Баба, а 285 дена не мери и онаа во Лисиче која, впрочем ги покажуваше и највисоките вредности на ПМ 10 и ПМ 2,5 отровните честички во градот во зимскиот период.

Од МЖСПП признаваат дека некои мерни инструменти се во дефект и се чекаат резервни делови за нив, а за купување на нови мерни станици треба да почекаме в година. И во Планот за чист воздух што го донесе Владата е ветено дека сите мерни инструменти во мониторинг станиците ќе бидат заменети. Беа најавени 2,5 милиони евра од Шведската агенција за меѓународна развојна соработка – СИДА за поправка и обнова на мерните инструменти, но нема никакво поместување.

Според глобалната апликација Ер Вижуал (Air Visual), Скопје денеска на пладне беше рангирано на 33 место – во жолтата зона на најзагадени градови во светот. 

 

Воздухот сега е колку-толку исчистен и сите параметри кои ги покажуваат останатите мерни станици во градот се во зелената зона. Но, од први овој месец целосно престана да праќа податоци за ниту еден од сензорите и мерната станица во Центар. Останува само да им веруваме на податоците што ги дава мерната станица кај Ректоратот.

Со месеци не функционираат Битола 2, Тетово, Кавадарци, Кичево, а Велес од минатото лето.

– Комплетен колапс на мерните станици и состојба за која не паметиме дека некогаш била полоша – велат од О2 иницијатива.

Според официјалните податоци од сајтот на Министерството за животна средина и просторно планирање, само 1/3 од ПМ 10 сензорите на станиците се функционални (6 од вкупно 18), а само 1/6 од ПМ 2.5 сензорите на станиците се функционални (1 од 6), пишува Вечер.

– Резервни делови требаше во почетокот на 2019 година да бидат навабени, но истите не ги гледаме во функција – велат од О2.