Мерки притвор за уапсените во вчерашната акција за трговија со прекурсори

Двете лица кои во текот на вчерашниот ден беа приведени на Скопскиот аеродром осомничени за сторено кривично дело „Недозволено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“ се спроведени пред судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје. По произнесување на осомничените и Јавниот обвинител, судијата донел решенија и на осомничениот Н.К. му определил мерка притвор во траење од 30 дена, а на осомничениот М.З. му определи мерка куќен притвор во траење од 30 дена.

Како што денеска соопштија од Основен кривичен суд Скопје, решенијата и кај двете лица се донесени заради постоење на основите од чл. 165 ст.1 точка 1,2 и 3 односно опасност од бегство, можност да ја попречи истрагата и да влијае на сведоци и можност да го повтори делото.

Против овие решенија странките имаат право на жалба пред Кривичниот совет.

Инаку, во текот на вчерашниот ден, под раководство на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и коруција е спроведена акција во која полициските службеници од Министерството за внатрешни работи запленија 40 пакувања хемиска материја во вкупна тежина од 1105 килограми. Во акцијата се лишени од слобода две лица како дел од меѓународна организирана криминална група, за кои постои основано сомнение дека сториле кривично дело неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори.

Предметниот обвинител донесе наредба за спроведување на истражна постапка против двајцата осомничени.

Според лабораториските резултати добиени од примерок од пратката, станува збор за супстанца – прекурзор „1 Phenyl – 2 Propanone“ што според член 3 од Законот за прекурзори спаѓа во прва категорија согласно ратификуваните меѓународни договори и меѓународните нормативи и стандарди, истата е на листата за прекузори објавена од Министерството за здравство на која се наоѓаат сите недозволени хемиски материи што се надвор од легитимниот промет. Оваа хемиска материја позната уште и како Phenylacetone и Benzyl Methyl Ketone BMK (P2P) претставува прв прекурзор за добивање на амфетамински тип на стимуланс и се користи за илегално изработување на амфетамин, метамфетамин и МДМА – таблети екстази. Според првични проценки со запленетата количина на прекурсорот би се произвел амфетамин во вредност од над 50 милиони евра.

Акцијата е резултат на меѓународна соработка со цел да се открие криминалната група и лицата што вршат недозволена трговија со дрога, како и сите аспекти поврзани со оваа криминална активност.