Мерката за субвенции за сметките за струја е „мачкање очи“, реагираат дел од граѓаните

Откако денеска Министерството за економија го објави јавниот оглас за финансиска поддршка за потрошена електрична енергија за лица со ниски примања за 2022 година, со низа реакции се јавија дел од граѓаните.

Дел од нив негодуваат затоа што буџетот за оваа програма ќе се исрпи многу бргу и на тој начин многу домаќинства кои ќе аплицираат сепак ќе останат без финансиска поддршка, затоа што станува збор за мерка „прв дојден, прв услужен“. 

-7500 домаќинства кои ќе добијат субвенција се ништо. Од покачувањето многу повеќе луѓе се погодени. Меркава ви е мачкање очи. Прв дојден, прв услужен, буџетот ќе се исцрпи и ќе извисат илјадници луѓе, вели еден граѓанин.

-Не ни треба помош, ни треба вработување, покачување на плати и намалување на основните прехранбени производи, вели друг.

-Мерката е за срамота. 600 – 800 денари помалку ќе плаќаат, но само одредени категории на граѓани. Ние со средни примања, ќе врзуваме крај со крај за поскапата струја да ја платиме.

-Од поскапувањето на струјата сме погодени сите. Социјално ранливите категории и така не плаќаат струја. Треба јавно да се објави кој ќе биде на оваа листа која ќе добива државна помош, констатира една граѓанка.

Програма за заштита на ранливи потрошувачи на енергија за 2022 година предвидува 60 милиони денари за над 7.500 домаќинства со ниски приходи, кои ќе добиваат намалени сметки за струја од 600 до 800 денари во 2022 година. Во услови на прогласена криза во снабдувањето со електрична енергија, Министерството за економија со оваа програма годинава за првпат воведува парична помош за најранливите категории на лица со ниски примања, кои не се приматели на гарантирана помош согласно закон.