Мерката за ослободување на родител не важи за вработените во полицијата, здравството и војската

Владата по препорака на министерот за здравство Венко Филипче и Комисијата за заразни болести вчера донесе нови, засилени мерки за заштита на јавното здравје од корона вирусот Covid-19.

Меѓу мерките кои почнаа да важат од вчера е и да се прекине со воспитно – образовниот процес и наставата во сите детски градинки, основни и средни училишта и високо – образовни установи и во јавните научни институти на територијата на Република Северна Македонија, во наредните 14 дена. Се прекинуваат и сите воншколски или дополнителни програми како што се курсеви за странски јазици и слично.

Дамјан Манчевски, министерот за информатичко општество и администрација, во емисијата 24 Отворено на Телевизија 24 даде појаснување за оваа мерка, поточно за одлуката да се ослободи од работа еден од родителите на деца до 10 години.

Се следи активно состојбата, како што поминува времето ќе ги носиме следните одлуки, рече Манчевски.

„Во однос на одлуката за родителите, откако ќе се затворат образовните функции мора да има мерки за згрижување на децата особено оние до 10 години или вклучително со четврто одделение.

Мерката важи само за децата кои посетуваат воспитно-образовна институција. Еден родител треба да да биде ослободен од работа, и да достави потврда дека детето му оди во училиште или градинка. Ова ќе биде платено отсуство, не треба да се зема боледување или одмор“, објасни министерот.

Финансискиот сектор прави проценки за надоместок во однос на финансиска поддршка за компаниите доколку продолжи ваквата состојба.

Манчевски додава дека мерката за родителите важи за сите освен за вработените во безбедносниот сектор, здравствениот или полицијата.

„Професијата што сите ја работиме бара ризици и откажувања, во овие моменти треба да покажеме висока општествена одговорност. Во ваква ситуација здравствените установи и безбедносните институции мора да останат со полн капацитет. Доколку двајцата родители се од ваков тип ќе има дополнителни мерки“, вели Манчевски.

Во однос на бремените жени и хронично болните, Манчевски информираше дека мерката веднаш стапува на сила исто како што е со загадувањето, овие групи на граѓани не треба да одат на работа.

-Мерките кои ги применуваме се применуваат во сите држави. Меѓу другото и забрана за собир над 1.000 луѓе. Владата и органите ги откажуваат сите настани и од помал обем што се во организација на институциите, секаков вид на тренинзи, обуки, семинари. Откажани се и состаноците на меѓународно ниво, вели Манчевски.

Министерот вели дека нема простор за паника, ова се превентивни мерки со цел да не дозволат услови за проширување на вирусот.

– Луѓето не треба да паничат само треба да се придржуваме до мерките и препораките. Така ќе ја намалиме опасноста за повеќе заболени, вели Манчевски.