Се подготвува измена на регулативата за работењето на менувачниците. На предлог на Царинската управа и во соработка со Народна банка, ќе се менува потврдата за купување и продавање на ефективни странски пари и чекови што ги издаваат менувачниците. Со корекцијата, Царината треба да добие поголема контрола во изнесувањето девизи, пренесува Независен.

Конкретно, ќе се наложи идентификација на лицето што менува пари и во потврдата ќе се воведе нова рубрика - час на издавање. Документот за сменети пари што ќе го издаде менувачницата ќе мора да го содржи единствениот матичен број на граѓанинот и времето на трансакција. Царина потврдува дека имало многу случаи кога граѓаните се обиделе да изнесат поголема сума девизи од дозволената при излез од државата и биле фатени. Но, во натамошната постапка, граѓаните со потврда од менувачница извадена отпосле, тврделе дека имаат покритие за девизите што се обиделе да ги изнесат. На ваков начин многу одземени пари пак им биле вратени на граѓаните, иако направиле прекршок.

Според закон, резидентите можат слободно да изнесат од Македонија девизи и чекови до 2.000 евра, а за износите меѓу 2.000 и 10.000 евра треба кај цариникот на излез од земјата да се пријави износот и за него да се поседува потврда за купени девизи од овластена банка или менувачница или дека се подигнати од сопствена банкарска сметка. Над 10.000 евра не смеат да се изнесат. Од Царината велат дека во досегашното работење 99 отсто од потврдите биле од менувачници, а само еден отсто од банки.