
Културното наследство е темел на нашиот идентитет и обврска која мора достојно да ја чуваме! Денеска со директорката на Археолошкиот музеј, Магдалена Манаскова, потпишавме Меморандум за стратешка соработка, информираше градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска.
„Овој документ поставува цврсти рамки за заштита, истражување и промоција на културно-историскиот потенцијал во општината. Партнерството предвидува континуирано планирање на археолошки истражувања и конзервација на историските богатства“, истакна градоначалничката во објавата на Фејсбук.
Таа додаде дека Општина Кисела Вода ќе ја понуди логистичката и инфраструктурната поддршка, додека Археолошкиот музеј ќе обезбеди стручна научна експертиза.
„Воспоставуваме систем за вистинска валоризација на минатото. Целта е соодветна заштита на културните добра и нивно доближување до граѓаните преку едукативни програми и развој на културниот туризам. Преку силни партнерства оставаме трајни вредности за идните генерации“, порача Стаменкоска Трајкоска.