Мелодрамата „Тома“ повторно ги обедини Балканците од Вардар до Триглав, како во некогашна Југославија

„Тома“ – филмот кој е импресионистички портрет на музичката легенда од Екс Југославија, Тома Здравковиќ, продолжува да ги руши сите рекорди на гледаност од Вардар па се до Триглав.

На филмското платно се прикажува почетокот, но и самиот врв на славата на Тома, неговите љубовни приказни кои го инспирирале да ги компонира некои од најголемите негови хитови, како и односот кој го имал со голем број пријатели од музичкото милје во Југоставија.

„Тома“ е биографска приказна за човекот кој не го паметиме само по неговите песни, туку и по однесувањето и по душата.

Филмот следи две линии - првата е за Тома кој го започнува лекувањето и познанството со докторот се претвора во пријателство, и другата која го следи неговиот живот од детството во Печењевец, преку познанството со Силвана Арменулиќ (Тамара Драгичевиќ) кое несомнено влијае на неговата кариера и приватен живот, од величествената слава и популарност, па се до дното на животот.

„Емоција“ – најверојатно е зборот кој најчесто се појавува во коментарите на оние кои го гледале филмот.

„Тома“ го има клучот за публиката токму од овие простори, во смила дека е многу тешко да се расплачат оние од западот кои не знаат или не слушнале никогаш за „магијата и носталгијата по Југославија“ и сета таа енегрија на сплотеност, оценуваат критичарите.

Се чини, три децении по смртта на Тома, балканците се обединија околу филмот во негова чест. И тоа околу мелодрама во која нема насилна смрт, мафија, нема уцени, нема мрачни типови и агитатори од политички структури, нема голгота и епско страдање на народот, нема горчина и антагонизам кон системот.