Мекејлеб најавува камбек во репрезентацијата?!

Лестер Бо Мекејлеб, некогашниот репрезентативец на Македонија повторно се врати во Скопје. Овој пат, црномурестиот кошаркар од САД ќе биде во дресот на Гран Канарија, шпанскиот гигант кој во рамки на Еврокупот му гостува на македонскиот првак МЗТ Скопје.

Гран Канарија има одлична сезона и се уште е непоразена. За Мекејлеб ова ќе биде прв настап пред македонската публика во друг дрес и тој вели дека очекува тешка средба.

– Не знам како ќе биде, затоа што овој натпревар ќе биде прв за мене овде, на клупски план. Едно е да играш за клуб, друго за национален тим. Среќен сум што се враќам во Скопје, тука е одлично, луѓето ги сакам и ги почитувам – се првите импресии на Мекејлеб.

Потоа, популарниот „Бошко“ направи анализа на мечот против МЗТ Скопје.

– Нема да имаме лесна задача, ќе биде незгодно. МЗТ Скопје е млад тим, доста тежок и агресивен. Тие победија на последниот меч, мислам ќе се обидат да го направат тоа и вечерва. Играм одлично во дресот на Гран Канарија, ќе се трудам да ја продолжам добрата форма и на оваа средба во Еврокупот – додаде членот на шпанскиот тим.

За крај, Мекејлеб откри дека постои можност летово да го облече дресот на македонската репрезентација, но вели дека не зависи се од него.

– Навистина не знам, можеби ова лето пак ке играм за Македонија. Не зависи се од мене. Сега сум фокусиран на клупските обврски, имаме тешка сезона која треба да ја завршиме прво – заклучи некогашниот македонски репрезентативец.

Натпреварот меѓу МЗТ Скопје и Гран Канарија се игра вечерва од 19.00 часот, а дуелот ќе биде од специјален карактер за „штрковите“ затоа што во СЦ „Јане Сандански“ ќе се слави 20 годишен јубилеј од големата победа над Реал Мадрид во 1996 година. Билетите за средбата се веќе пуштени во продажба и чинат 150 денари.