
На денешната седница на Советот на Општина Карпош, советниците изгласаа локалната самоуправа да го даде надземниот премин „Влајко“ во Влае на ЈУ Меѓуопштинскиот центар за социјална работа на Град Скопје на времено користење без надоместок.
Надземниот премин располага со 16 канцелариски простории кои во минатото беа користени како дуќани, како и четири помошни простории. Ова не е првпат како локалната самоуправа се обидува да му најде намена на овој скап и неискористен простор.
„Влајко“ беше пуштен во употреба во 2006 години, а речиси две децении подоцна, преминот е запустен и сериозно вандализиран.
Неговата изградба ја чинеше Општина Карпош 900.000 евра, а дополнително во 2010 година на преминот беа поставени и лифтови како донација од УСАИД, како и ескалатори со надеж дека преминот ќе заживее, а кои денеска се вон функција.