Меѓународниот студентски фолклорен фестивал во Скопје

Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, вчера го отвори Меѓународниот студентски фолклорен фестивал, манифестацијата којашто годинава слави јубилеј од 40 години.

- Ме радува фактот што и годинава Меѓународниот студентски фолклорен фестивал го потврдува својот меѓународен карактер, па така своето учество го потврдија и фолклорни ансамбли од земјава и надвор од неа. Па така, моите сограѓани ќе имаат можност да ги видат настапите на домашниот ансамбл АКУД Мирче Ацев, кој е домаќин на фестивалот, и настапите и уште два ансамбли од земја, како и настапите на 10 ансамбли од 8 други држави - кажа Шилегов .

Веќе 40 години секоја година во летниот период во градот Скопје фолклорните ансамбли од повеќе земји од Европа ја презентираат фолклорната традиција на својот народ преку народниот танц, народната носија и народната музика.

- Овој фестивал кој настана по иницијатива на скопските студенти во 1967 година, како знак на благодарност на сите земји кои помогнаа во изградбата на разурнатиот град-Скопје од земјотресот во 1963 година, на почетокот бил наречен „Фестивал на солидарноста”- изјави Шилегов.

40-тиот меѓународен студентски фолклорен фестивал-Фестивал на солидарноста годинава ќе трае од 22 до 25 август 2019 година, а на настанот ќе учествуваат околу 300 учесници, коишто преку игрите, музиката и колоритот на народните носии ќе ги презентираат традициите коишто ги имаат во своите земји.