Меѓународна мото-штафета за жени: Скопските бајкерки ќе се запишат во историјата на мотоциклизмот

За првпат во историјата на женскиот мотоциклизам се одржува Женска меѓународна мото штафета. Македонија ќе биде дел од овој настан во кој се вклучени околу 120 земји со 15.000 членови.

Сакајќи да поттикне глобално сестринство од инспиративни жени кои ќе промовираат храброст, авантура, единство и страст за моторциклите од сите страни на светот и да направи нешто што никогаш не било направено, Hayley Bell, една од основачите на WRWR (Women Riders World Relay 2019 – мото штафета од глобален карактер во која учествуваат жени-бајкерки), го започна овој подвиг со силна порака. Нејзината цел е да ја покаже моќта зад пазарот за жени во мото спортот.

Македонките бајкерки со гордост се приклучија и ќе ја претстават нашата земја во најубаво можно светло. WRWR низ нашата држава ќе помине на 3-ти и 4-ти април.

Штафетата ќе биде пречекана од страна на македонските бајкерки на албанската граница на граничниот премин Ќафасан и ќе се вози по веќе дефинираните траси. Првиот ден ќе се вози траса Струга – Струмица, а вториот ден од Струмица до Скопје. На 5-ти април ќе биде предадена на бајкерките од Србија на граничниот премин Блаце.

Штафетата која тргна од Шкотска во Февруари 2019 година понатаму патува низ Ирска, Велс, Велика Британија, Шпанија, Португалија, Андора, Италија, Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Албанија, Македонија, Србија, Унгарија, Словачка, Полска и така натаму, се до враќањето на штафетата во Велика Британија во јануари-февруари 2020 година.