Меѓу населбите Автокоманда и Железара: Изграден најголемиот кружен тек во Скопје (ФОТО)

На вкрстувањето на улицата 16.Македонска бригада со улицата Коце Металец, во јули 2016 година беше изграден најголемиот кружен тек во Скопје. Ова ново сообраќајно решение придонесе да се зголеми безбедноста во сообраќајот од автокоманда кон Железара и да се уреди просторот.

- Со овој проект, на местото на крстосницата меѓу улиците 16.Македонска бригада и Коце Металец е формиран кружен тек со дијаметар на средишниот зелен појас од 60 метри. Во самиот кружен тек се формирани 2 сообраќајни ленти. Беше извршена и реконструкција на коловозот на улицата 16.Македонска бригада, на должи на од 390 метри, како и на дел од улицата Коце Металец, на должина од 240 метри.

Околу кружниот тек и на влезните улици е уреден нов тротоар и велосипедска патека.

За одведување на атмосферските води од новиот кружен тек е изградена атмосферска канализација со Ф 600 милиметри и Ф 400 милиметри, на вкупна должина од 634 метри. Во текот на градежните работи е извршена заштита на гасоводната цевка, а поставена е и нова водоводна мрежа со Ф 200 милиметри, на должина од 52 метри, вели градоначалникот Коце Трајановски.

Новиот кружен тек го осветлуваат 35 столба за улично осветлување. Во средишниот дел на кружниот тек и од страните е уредена вкупна зелена површина од 11.800 квадратни метри, со систем за полевање со 34 прскалки, 22 хидранти, 13 шахти и 4 шахти за систем капка по капка. Во кошницата што го краси кружниот тек и околу неа се засадени околу 10.000 цвеќиња.

За изградба и уредување на кружниот тек меѓу улиците 16. Македонска бригада и Коце Металец Градот Скопје вложи околу 53,6 милиони денари.