Меџити: Целосна поддршка за инвестиции во зелени бизниси

Првиот потпретседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, денеска учествуваше на конференцијата: „Бизнис-ангели и претприемачки екосистем во Република Северна Македонија. Mожности и предизвици“, на која го истакна значењето што им го давааат Владата и Министерството со кое раководи на инвестициите во зелените бизниси.

Меџити, поканет на конференцијата од министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, рече дека Владата и Министерството за животна средина и просторно планирање му даваат приоритет на зеленото претприемаштво и важната улога што ја имаат бизнис-ангелите во оваа насока како инвеститори на овие бизниси.

„Бизнис-ангелите не се само финансиски поддржувачи, туку тие се визионери, кои исто така обезбедуваат капитал и менторство во најранливите фази од животот на еден стартап-бизнис. Нивните инвестиции промовираат проекти што се занимаваат со итни еколошки прашања – намалување на емисиите на јаглерод, грижа за водата, управување со отпадот и создавање одржливи енергетски решенија“, рече Меџит, додавајќи дека светот се соочува со итна потреба од еколошки решенија, а токму зелените бизниси растат со иновативните идеи. Првиот вицепремиер Изет Меџити додаде дека ги поддржува бизнис-ангелите во зелените сектори бидејќи го тие го премостуваат јазот помеѓу иновативноста и реализацијата, инвестираат во високоризични сектори со зелена технологија, која традиционалните инвеститори може да ја избегнат.

„Бизнис-ангелите овозможуваат револуционерни технологии, како што се обновливи извори на енергија, еколошки материјали и иновации за заштеда на вода, и затоа сме посветени на создавање екосистем, кој не само што ги поддржува претприемачите туку исто така ги овластува бизнис-ангелите да направат влијателни инвестиции во зелени бизниси“, рече Меџити.

Денешната конференција ја организира Министерството за економија и труд, во соработка со ЕУ-делегацијата во Скопје, а на неа учествуваа владини претставници, стопански комори во земјата, академици и бизнисмени, кои беа вклучени во неколкугодишниот проект со наслов „Корпоративна општествена одговорност и бизнис-ангели – движечка сила за приватниот сектор“, која има цел да го зголеми бројот на компании со еколошки дејности.