Постојат повеќе начини да уживате во вкусната туна. Интернетот е преплавен со високо-калориски туна салати на база на процесирани мајонези. Тие се богати со нездрави маснотии и се калориска бомба, па ние денес ќе ви препорачаме рецепт кој е поздрав, но и составен од комбинација намирници која нуди поширок спектар на вкусови. Заборавете на досадните туна салати и уживајте во освежителната, крцкава и хранлива медитеранската туна салата!
Медитеранската туна салата има потенцијал да биде главен оброк и да ве засити, но можете да ја користите и како ужина во комбинација со кускус салата или вкусен хумус. Се подготвува доста брзо и лесно, за само 15-тина минути.
Оваа туна салата најдобро оди со тенко исчени и потпечени лепчиња или пита лепчиња.
Замена за мајонезот, односно компонентата која ја ,,сврзува” оваа туна салата е сенфот со богат и уникатен киселкаст, благо-налутникав вкус, наречен Dijon. Овој сенф можете лесно да го најдете во повеќето маркети.
Сите состојки од кои се прави медитеранската туна салата се особено здрави, па така нивната комбинација само дополнително го засилува ефектот. На пример, туната е одличен извор на протеини, на есенцијалните омега 3 масни киселини, но и на микронутриентите, како витамин Б6, Б12, витамин А, железо, цинк, магнезиум, калиум итн.
Најдобар избор е светлата туна на поголеми парчиња, во маслиново масло. Останатите намирници кои се користат за салатата се богати со низа други многу важни хранливи материи и моќни антиоксидативни компоненти, а повеќе за нив можете да прочитате со кликнување линкот кој е поставен на зборовите.
Значи, покрај туната се користат и краставици, целер, ротквици, кромид, медитерански каламата маслинки, лимон, а за дополнителна свежина се додаваат и ситно исечкани парченца магданос и нане. Сето тоа се сврзува со салатниот дресинг на база на Dijon сенфот. Може да се комбинира и со млад кромид.
за салатниот дресинг:
• 3 супени лажички Dijon сенф
• половина исцеден лимон
• 2 големи лажици ладно цедено маслиново масло
• половина супена лажичка сумак
• сол и бибер, според вкус
• половина лажичка чили (доколку сакате луто)
за салатата (поситно исечкани):
• 150 грама туна (цели парчиња во маслиново масло)
• 2 парчиња целер
• едно парче краставица со средна големина
• 4-5 помали парченца ротквици
• 1 главица црвен кромид
• половина чашка каламата маслинки (со извадени семки)
• неколку гранчиња магданос
• неколку ливчиња свежо нане, добро исечкано
• чери домати по желба
Рецептот се состои од 2 дела:
1. Подготвување на салатниот дресинг.
Во помал длабок сад ставете ги сите претходно наведени состојки за салатниот дресинг и мешајте до потполна хомогенизација.
2. Подготвување на салатата
Ситно исечкајте ги сите свежи компоненти (и каламата маслинките) во поголем сад и убаво измешајте ја целата смесата. Мешањето треба да биде темелно, но нежно и со дрвена лажица. На крајот додадете ја и туната, па повторно нежно промешајте со дрвената лажица. Салатата нека стои во фрижидер најмалку час и половина. По вадењето од фрижидер, почекајте 15-тина минути пред да ја консумирате.
Сервирајте со потпечени или пита лепчиња. Најдобро се комбинира со свеж домат и млад кромид.
Чување и претохдно подготвување
Оваа туна салата можете да ја употребувате до 2 дена, секако со чување во фрижидер на соодветна ниска температура. Ако сакате да ја подготвите за следниот ден, не ги мешајте однапред намирниците (свежите, салатниот дресинг и рибата). Подгответе ги одвоено и ставете ги во фрижидер.
Според количините наведени погоре, медитеранската туна салата има околу 300 калории, околу 21g масти, 27g протеини, 8g јаглехидрати и низа микронутриенти од кои највеќе: витамин Б3, витамин Б12, витамин К, фосфор, витамин Ц, железо, цинк, магнезиум, калиум и низа други во помали количества.