Медицинските сестри: Бараме Закон за сестринската дејност

Унијата на здруженија на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри следната недела чека прием кај министерот за здравство Венко Филипче за да ги изложи проблемите со кои се соочуваат и кои доведуваат до откази и незадоволство кај овој кадар.

Претседателката на Унијата, Горданка Бешлиовска, тврди дека основното решение е да се донесе закон за дејноста на сестринската професија со кој точно ќе се дефинира кои се задачите, компетенциите и одговорностите на медицинските сестри. Проблемите се децениски и системски и воопшто не се однесуваат само на доходите на сестрите, туку и на други длабински проблеми. На пример, Бешлиовска прашува што со оние сестри кои остануваат на улица од концесионерските амбуланти.

– Ние немаме зададени компетенции и задачи, ниту можеме да си ја одредиме одговорноста и како фела сме маргинализирани и оставени сме на милост и на немилост на политиките на менаџерите во здравствените институции. Ако не беше пандемијата, ќе имаше уште поголем дефицит на медицинските сестри, се поголем дел од нив ќе заминуваа. Кога ќе заврши пандемијата голема е бројката на медицински сестри кои се подготвуваат да заминат. Имаме сестри кои полагаат разни завршни испити за јазици, полагаат во Србија и ќе заминат по пандемијата. Основната причина е нерегулирање на дејноста на професијата. Има комплетно незадоволство во целата фела, вели Бешлиовска.