„Ме држеа на аеродром затоа што реков дека сум Македонец“ - Грците сѐ уште го паметат Панчев

„Ме држеа на аеродром затоа што реков дека сум Македонец.“ – под овој наслов, грчкиот спортски портал Газета, пренесувајќи изјава на Дарко Панчев, се потсетува на натпреварот Панатинаикос - Црвена Ѕвезда пред 25 години кога македонскиот ас беше личност на натпреварот и во и вон теренот.

Ги разлути Грците пред натпреварот, ги разлути и за време на натпреварот со постигнатите 2 гола.

„Се сеќавам, бидејќи бевме шампиони на Европа и имаше многу новинари на аеродромот, ни побараа по пристигнувањето да пополниме некои формулари на аеродромот и јас напишав дека сум од Македонија, бидејќи така се чувствував. Во Грција тоа го протолкуваа како провокација со резултат да се создадат пречки и да не можам да влезам во земјата. “ – раскажува Панчев.

За Канал 5 тој вели дека подоцна, проблемот се надминал и поради ставот на УЕФА да нема мешање на политиката во фудбалот, а целиот настан во комбинација со исполнетиот стадион биле дополнителен мотив за него.

„Фактот што имаше 80 илјади гледачи, кои ме свиркаа и се свртија против мене, имаше позитивен ефект. Тоа беше нешто што ми даде поголем мотив и постигнување на двата гола. “- објаснува македонскиот Кобра за грчкиот портал.

Поставувањето на Панчев на позицијата спортски директор на Вардар во комбинација со 25 годишнината од натпреварот во Атина, беа доволна причина, спортскиот портал да се потсети на настаните од 4 март 1992та.