
Една мала, но силна порака дојде од Велика Британија. По речиси 40 години, McDonald’s привремено го тргна зборот „Happy“ од својот познат Happy Meal и го преименува во едноставно „The Meal“. Промената беше дел од одбележувањето на Неделата на свесност за менталното здравје и носеше јасна порака: во ред е да не се чувствуваме среќни постојано и во ред е да не сме секогаш „ок“.
Иако траеше кратко, оваа симболична одлука отвори важна тема, особено кога станува збор за децата. Истражување финансирано од компанијата покажало дека 48% од децата во Обединетото Кралство признале дека понекогаш ги кријат своите вистински чувства и се преправаат дека се среќни. Наместо класичната насмевка на пакувањето, во кутијата имало стикери со различни емоции, со цел децата полесно да го изразат тоа што навистина го чувствуваат.
Иницијативата беше реализирана во соработка со хуманитарната организација BBC Children in Need и поддржана од јавни личности, меѓу кои и поранешниот фудбалер Рио Фердинанд. Тој истакна дека создавањето безбеден простор каде децата можат да зборуваат и за непријатните емоции гради доверба и емоционална сигурност, без разлика колку тие чувства се „големи“ или „мали“.
Промената не беше за трајно ребрендирање на производот, туку потсетник дека емоциите не треба да се потиснуваат. Напротив, нивното прифаќање уште од најрана возраст помага да израснат генерации кои ќе знаат дека автентичноста е поважна од наметнатата насмевка. Понекогаш, најважната порака доаѓа токму од најмалите промени.