Мазнева: Блокирањето на програмите на Комунална хигиена во Советот на Град Скопје е реваншизам

Непринципиелно и недозволиво е советниците во Советот на Град Скопје својата функција да ја злоупотребуваат за водење дневна политика, реваншизам и создавање хаос во работењето на градот и јавните претпријатија. Блокирањето и неизгласувањето на програмите за работа на Комунална Хигиена-Скопје на последната седница на Советот на Град Скопје е токму тоа, изјави на денешната прес-конференција директорката на ЈП Комунална хигиена – Скопје, Косана Мазнева.

Таа потсети дека советниците се избрани во Советот од скопјани за застапување на нивните интереси, да ја унапредат работата на службите на градот и да бидат нивен сервис и дека тие имаат одговорност пред граѓаните а не пред партиските лидери.

- Оттука, сакам да појаснам дека благодарение на советниците и советничките групи на сите политички партии на последната седница на Советот на Град Скопје кои одлучија да ја блокираат работата на Јавното претпријатие Комунална хигиена - Скопје, со неизгласување на инвестициските програми се единствено одговорни за евентуално нарушување на хигиената во градот Скопје, додаде Мазнева, појаснувајќи дека со предлог програмите за работа на КХС се предвидува целосна реорганизација на Комунална Хигиена Скопје што ќе значи и модернизација на претпријатието.

Таа рече дека пред советниците била доставена предлог програма во која се предвидени дополнителни инвестиции во модерна опрема за одржување на јавната хигиена, набавка на нови контејнери кои ќе се постават на нови локации, нови специјални комунални возила поради зголемување на ефикасноста со справување со комуналниот отпад, како и дополнителни сезонски работници.

- Апелирам до сите советници во Советот на Град Скопје, а особено до оние кои ја промовираа програмата „За модерно Скопје“ ветувајќи дека целосно ќе ја поддржат и во Советот на Градот, сега да не се повлекуваат и да не ја злоупотребуваат довербата на граѓаните, истакна директорката на Комунална хигиена.

Фото: МИА