Маж со секира ги тероризира жителите на Kолзе

Жителите на Kозле пред една недела доживеале вистински хорор откако непознато лице со секира тропало по вратите од куќите, но непознатиот успеал да им избега и на мештаните и на полицијата. Граѓаните од оваа населба најавуваат дека ќе се самоорганизираат бидејќи ова се случувало неколку пати. Поради тоа, жителите на населбата за понеделник свикуваат собир на граѓани на кој ќе разменат информации и ќе договорат што понатаму, пренесува Дневник.

„Почитувани сограѓани од населбата Kозле. Вечерта кон 15 февруари 2017 година повеќе куќи на улиците Пијанац и Лерин беа посетени од непознато лице вооружено со секира. Полицијата го бркаше цела вечер, но безуспешно. Постојат сознанија дека ова се случувало повеќепати и дека се работи за организирана група од Општина Чаир. Лично го видов како влегува кај соседите, но не знаев како да ги предупредам зошто немав телефон, па се одлучив да ѕвонам во полиција, свесна дека тој ќе стори зулум додека да дојдат полицајците. За среќа, соседите го виделе и тргнаа да го бркаат уште пред да дојде полицијата. Сознанието дека не се познаваме, а уште повеќе што немаме податоци едни за други за да се информираме и да си помогнеме е повод за овој допис“ стои во повикот за собир на граѓаните во Kозле поради загрозената безбедност.

Предвиденото место за состанок се просториите на месната заедница до Угостителското училиште на 27 февруари, понеделник, во 18 часот со времетраење од еден час.

На средбата е предвидено да се разговара за инцидентот од минатата недела, како и за слични искуства пред 15 февруари, како да се договори начинот за организирање, размена на имејлови и телефони.

„Дискусија и можен договор за поставување камери на петте приоди кон населбата, утврдување дрво за заемно информирање, утврдување одговорни две лица по една улица кои би воделе грижа да ги информираат соседите, лично патролирање низ населбата во потегот од црквата „Св. Јован Kрстител“, улицата Kозле, германската амбасада и слично“ стои во соопштението.

Од МВР потврдуваат дека е пријавен инцидентот на 14 февруари во 23 часот. Жител од улицата Пијанец пријавил дека непознато машко лице со секира во рацете тропнал на вратата и барал некој маж и жена. Жената му кажала дека нема такви лица во куќата, но да провери во соседната каде што имало кираџии. Непознатиот заминал, но не отишол во соседната, туку во некоја друга подолу по улицата. По пријавата полицајци дошле на местото, но и по обиколка на улиците и населбата не го пронашла човекот со секира.