Матурски понуди и попусти на сите страни - Од козметички колекции, па сè до автомобил за матура!

Сезоната на матурски прослави е во полн ек. Матурантите се подготвуваат да блеснат во полн сјај за матурската прослава - чин кој за нив е од огромно значење. 

Средени и модерни, џебовите на родителите празни! Се почесто матурантите одбираат скапи и брендирани парчиња облека и обувки, а дополнителен трошок се и шминката, фризурата и козметичките процедури за девојките, но и семејните пролави на кои треба да се почестат најблиските. 

Трговците веќе излегоа со низа матурантски понуди и попусти. Како што може да се забележи на социјалните мрежи, се редат идеи за матурски подароци, но и матурски пакети на попуст. Рестораните нудат матурски понуди за прослави. 

Козметички сетови за девојките како подарок за матурирање, смарт-часовници на попуст, матурски ваучери, персонализирани рамки и декорации... Но, често првиот избор за подарок е пари со кои матурантот ќе може да си купи што сака, или да ги инвестира во претстојното високо образование. 

Не ретко, матурантите од своите родители добиваат подарок - уплата за полагање на возачки испит, но има и такви кои добиваат и автомобил. 

Повеќето велат дека матурирањето се одбележува симболично, со соодветен подарок, но има и такви кои прават поголеми прослави по повод заокружувањето на средното образование. Изборот се чини, секогаш е согласно можностите и сфаќањата!