Матурска прослава како мега спектакл на турбо-фолк ѕвезди

Трчање по фустани, лимузини, празнење на домашните буџети и натпревар помеѓу семејствата во тоа чие дете повеќе ќе се покаже, денес се главните карактеристики на матурата. Имено, на матурската забава ѝ претходи долга трка во потрага по идеална тоалета, организација на домашни прослави, но и резервации за прослави во кафеани и ресторани, резервации за шминка и фризура за девојчињата...

Трошоците за матура може да достигнат и четирицифрени бројки во евра.

- За фустан за ќерка ми не поминавме скапо. Заедно со купен материјал шиењето чинеше околу 50 евра. Чевлите се 25 евра, чантичката е 20 евра. За шминка издвоивме 45 евра, 30 евра за нокти. За славење во кафеана за околу 40 луѓе издвоивме околу 500 евра, а 150 ни требаат за да се дотераме ние домашните. Нашата груба пресметка вели дека ќе се потрошат вкупно околу 850 евра - вели една мајка на матурантка.

Сега е модерно и да се купува подарок за партнерот за матурската вечер, па и тој треба да се пресмета во семејниот буџет. 

За многу од матурантите прославата е натпревар за престиж. Мајка раскажува дека имале редовни расправии дома зашто синот „морало“ да биде облечен во брендирана гардероба, што семејството не можело да си го дозволи. 

- Ние ќе потрошиме 250 евра на брендирани чевли, но што ќе правиме понатаму во месецот. Долго се објаснувавме и се расправавме дека прославата не е значајна поради тоа како ќе изгледаш, иако јасно е дека секој млад човек сака да биде и среден и дотеран. Но може да се дотераш и за помалку пари. Би направиле наше семејно интимно обележување, а не свадба за матура, како што сѐ повеќе се организира – раскажува мајка на матурант.

Оние кои не се во моженост да си дозволт скапи фустани,  одат на кројачи или на пазарот во Шутка каде за поевтина цена може да си најдат свечен облека.

-Не патам од  комплекс воопшто. Во Шутка си најдов фустан за 1500 денари, свечен убав немам намера да купувам скапи работи за една вечер, вели една матурнатка.

За да ја организираат матурата родители земаат и кредити, а потоа со години ги враќаат парите на банките. 
Психологот Зорица Петрушевска, вели дека матурските прослави одамна не се синоним за созревањето.

- Затоа и начинот на кој се прославува матурирањето на младите е поставено во декор и атмосфера што безмалку нема допирни точки со зрелоста. Зрелоста што значи поголем степен на одговорност, самостојност и право на сопствен избор е сведена на трчање по фустани, лимузини, празнење на домашните буџети и натпревар помеѓу семејствата. Време е училиштата, наставниците и родителите на матурантите да направат исчекор кон промена на моделот на прославување во насока на истакнување на вистинската смисла на она што се слави – додава соговорничката.