Матурантката Арта Курти од НОВА: Преку Универзитетот во Аризона ќе станам успешен брокер или сопственик на агенција за недвижности во САД

Желбата да студира во САД била одамна присутна кај Арта Курти, која годинава е матурантка во меѓународното училиште НОВА. Затоа на нејзината среќа и немало крај кога дознала дека е примена дури на 8 универзитети во САД меѓу кои се одлучила за престижниот Универзитет во Аризона каде што од следната академска година ќе студира маркетинг и финансии.

Високиот ранг на Универзитетот во Аризона,но и фактот што нејзиниот брат и нејзината сестра веќе студираат на друг универзитет во САД биле пресудни за нејзиниот конечен избор.

Дополнително, целиот процес ѝ го олеснил фактот што таа уште од почетокот на средното образование многу добро знаела која ќе биде нејзината идна професија.

-Откако ќе ги завршам студиите планирам да работам со недвижности и маркетинг. - Мојот избор на кариера го определија најразлични емоции и избори во текот на школувањето. Уште на почетокот на 10 одделение (втора година средно образование во македонскиот образовен систем) знаев дека сакам да си бидам шеф на самата себеси. Така влегов во светот на продажба на недвижности и за мене нема подобар избор. Успешна кариера на полето на продажба на недвижности и маркетинг е сон на чие остварување работам секојдневно – вели Арта.

За неа процесот на аплицирање за сите факултети бил прилично стресен. Таа испратила пријави на 20 универзитети во странство, така што имала премногу апликации за пополнување и премногу информации кои требала да ги собере, а роковите биле „веднаш зад аголот“.

Сепак, нејзиниот брат и сестра, кои веќе имале искуство со аплицирање на американски универзитети, многу ѝ помогнале во целиот процес. Не изостанала ниту поддршката од нејзините родители. Но, како најголема поддршка и помош го истакнува нејзиното образование во НОВА и ангажманот на академските советници од училиштето.

-Во НОВА се стекнав со одлично образование од одлични наставници во текот на сите години што ги поминав таму.Особено за време на програмата за Меѓународна матура (IBDP) бидејќи имав можност да учам од професори кои неверојатно ми помогнаа со моите идни студии. Дипломата од НОВА и Меѓународната матура најмногу влијаеја за да бидат прифатени моите апликации на американските универзитети. Тие бараат студенти кои имаат квалитетно образование и за среќа, токму јас бев таков студент. Затоа и сум им многу благодарна на моите родители што прават се што е во нивна моќ за да ми обезбедат квалитетно образование кое ми е одлична основа за да успеам во САД – истакнува Арта.

Таа за себе вели дека е личност која секогаш ги носи предизвиците на повисоко ниво за да може да ги заврши. Затоа верува дека најголем предизвик по преселбата во Аризона ќе ѝ биде приспособувањето на новата средина, новите луѓе со кои ќе живее и новата култура која можеби ќе ѝ делува како културен шок.

Сепак, силно верува дека тој предизвик ќе го надмине многу брзо и ќе може да им се посвети на студиите. Арта смета дека студирањето на англиски јазик нема да ѝ биде проблем со оглед на тоа дека сите часови во изминатите 9 години ѝ биле на овој јазик.

Во иднина Арта се гледа себеси како успешен брокер или сопственик на агенција за недвижности која вработува многу агенти.

-Се гледам себеси како во странство успевам преку конкретно преземени чекори, со надеж дека ќе оставам стапалки на успехот таму каде ќе одам. За остварување на соништата треба да работите секој ден од животот, и тоа е токму она што јас се обидувам да го правам. Активно работам и се трудам моите соништа да го постигнат исходот што го посакувам. А некогаш дури и да се реализираат подобро од тоа што сум го замислила – завршува Арта.