Матурантите ќе полагаат три типа матурски испити - од следната сабота почнува проверката на знаењето

Идната сабота започнува полагањето на екстерните испити од матурата за повеќе од 14.500 ученици кои го завршуваат средното образование во учебната 2025/2026 година.

Во согласност со измените на Законот за средното образование, матурантите годинава за првпат ќе полагаат три различни типа матурски испит: државна матура, државна стручна матура и државна уметничка матура.

За секој предмет се изработени посебни испитни програми базирани на четиригодишната настава.

„Целта ни е сите ученици да имаат еднакви услови и фер полагање. Во согласност со новата Концепција, изработени се посебни тестови за секој вид матура. Организацијата бара поголем ангажман, но подготвени сме да одговориме на предизвикот“, изјави Даниела Јовчевска-Михајловска, директорка на Државниот испитен центар (ДИЦ).

Од вкупно пријавените 14.587 ученици, најголемиот дел ќе полагаат класична државна матура. Интересно е што учениците од стручните и уметничките училишта имаа можност да бираат меѓу државна или профилирана (стручна/уметничка) матура.

Испитите ќе започнат во 9:00 часот наутро, според следниот календар:

  • 6 јуни (сабота) – Изборен екстерен предмет:

- Државна матура: Странски јазик или математика.

- Државна стручна матура: Англиски јазик или математика.

- Државна уметничка матура: Англиски јазик или историја.

  • 11 јуни (четврток) – Задолжителен мајчин јазик (Македонски, Албански, Турски или Српски) за кандидатите кои полагаат државна матура.
  • 12 јуни (петок) – Задолжителен мајчин јазик за кандидатите кои полагаат стручна и уметничка матура.

Од Државниот испитен центар (ДИЦ) нагласуваат дека сè е подготвено за новиот концепт