Матуранти од „Нова“ го продолжуваат образованието на високо рангираните универзитети „Бокони“ и „Еразмус“

Матурантите Јована Цветиновска, Никола Ветаџока и Марко Велјановски од меѓународното училиште „Нова“ ќе го продолжат образованието на едни од највисоко рангираните европски универзитети, „Бокони“ во Италија и „Еразмус“ во Холандија. Секој од нив има различна причина зошто ја одбрал одредената образовна институција, но се радуваат на предизвиците, на интернационалната атмосфера во која ќе треба да се вклопат и на новите академски искуства. Јована ќе учи меѓународна бизнис администрација на „Еразмус“. Од друга страна, Никола ќе се посвети на меѓународната економија и менаџмент, а Марко на меѓународна економија и финансии, и двајцата како дел од универзитетот, „Бокони“.

МН: Јована: Мојот конечен избор е универзитетот „Еразмус“

Јована Цветиновска е дел од заедницата на „Нова“ од петто одделение. Вели дека тогаш била премногу мала за да ја разбере одлуката на родителите, но денес согледува дека ова училиште ја има подготвено за многу предизвици.

- „Нова“ дефинитивно играше голема улога во мојот развој како ученик, не само во академска смисла, туку и во моето оформување како еден свесен и активен дел од нашето општество. Мислам дека една од главните предности кои што „Нова“ им ги овозможува на своите ученици е тоа што им помага да ги пронајдат своите интереси и ги насочува кон вистинскиот пат за да ги постигнат своите цели.  Сите наставници и советници со кои имав контакт во текот на средното образование имаа разбирање дека секој ученик е различен, поседува различни способности и амбиции, и воедно ни помагаа да го направиме вистинскиот избор – појаснува таа. 

Јована била примена и на „Бокони“ и на „Еразмус“, но сепак се одлучила за втората образовна институција.

- Процесот за запишување на двата факултета се спроведува комплетно онлајн. Двата факултета имаат јасно наведени критериуми за запишување и платформи за апликација кои се лесни за користење. Морам да напроменам дека комисијата за запишување на „Бокони“ секогаш брзо одговараше на пратените мејлови дури и кога Милано беше зафатено од најголемиот бран на пандемијата. Тоа ми остави многу силен впечаток. Двата факултета нудат одлична програма за изучување бизнис и економија. Сепак, на крај се одлучив за „Еразмус“, затоа што универзитетот ми остави многу добар впечаток кога имав шанса да го посетам и да присуствувам на неколку пробни предавања во октомври, и мислам дека лично подобро ќе се вклопам во таа култура – објаснува Јована.

Таа веќе добила информација од „Еразмус“ дека поради светската пандемија првиот семестар ќе го изучува онлајн и смета дека тоа искуство ќе биде навистина интересно и невообичаено.

МН: Марко: во „Нова“ се образував со стипендија, сега продолжувам на „Бокони“

Фокусот на Марко Велјановски ќе биде меѓународната економија и финансии, со изборни предмети од областа на информатичката технологија, поради тоа што еден ден сака да се занимава со научни истражувања, креирање нови финансиски модели (финансиски инженеринг), или инвестициско банкарство.

- Искрено, долго се двоумев во изборот меѓу физика и економија, но бев сигурен дека математиката како моја најголема страст ќе биде основа на науката која ќе ја студирам. На универзитетот „Бокони“ има повеќе програми за економија и финансии, како и за вештачка интелигенција, каде можам да учам од светски познати професори. Дополнително, „Бокони“ ми додели меѓународна стипендија во комбинација со финансиска помош за школарина и престој, со што многу ќе му олеснам на моето семејство од финансискиот аспект. „Бокони“ е рангиран четврти во Европа, а меѓу првите 16 во светот, и сигурен сум дека иако има многу строги академски критериуми, ќе биде предизвик да се студира со идните креатори на решенија за светски економски кризи и нови финансиски модели. „Бокони“ нуди и помош при поврзување со идни работодавци, како и можности да поминам еден семестар на друг светски универзитет, нешто што за мене е значајно – објаснува Марко.

Тој во меѓународното училиште „Нова“ се запишал со стипендијата „Борис Трајковски“, а причината поради која решил да аплицира е фактот што престојувал во Вашингтон каде го завршил петтото одделение и сакал да продолжи да учи во интернационална средина.

- Во „Нова“ ми предаваа прекрасни професори, кои уште повеќе ми помогнаа во развивање на интересот кон природните науки, посебно кон математиката. Многу ми се допадна што уште во втора година имав часови на факултетско ниво по статистика, а најмногу се вложив во учењето на програмата по Меѓународна матура. Во „Нова“ има атмосфера на постојана поддршка меѓу учениците, многу дружење и помагање при подготовка за испити, натпревари и настани. Тука стекнав другари од други земји и континенти, па иако некои заминаа од Македонија, сѐ уште одржувам контакти. „Нова“ ме поддржа и организираше изложба на мои астро-фотографии, нешто што како воншколска активност го правам повеќе години, а што побуди интерес и кај некои од моите соученици. Разновидната средина во „Нова“, волонтирањето во Црвениот Крст, поддршката за лицата со оштетен вид, бројните странски летни и зимски школи за астрономија и математика, ме научија да си поставувам секогаш нови академски цели, но и да дадам максимум за да созреам како подобра личност. Денес, не се цени само академскиот успех, туку целокупната личност и талент, па затоа, упорната работа на себеси, прифаќањето на различностите и толеранцијата кон другите, се вредности кои ми ги вгради „Нова“ и кои засекогаш ќе ги негувам – објаснува Марко.

МН: Никола: „Бокони“ ќе ми отвори врати кон светски компании

Никола Ветаџока е дел од „Нова“ од прва година во средното училиште. Вели дека во текот на четирите години минати во оваа образовна институција почуствувал многу предности.

- Јас избрав предмети од АР (Advanced Placement) програмата, како статистика, микроекономија, макроекономија и калкулус. Карактеристично е што секој предмет од оваа наставна програма обработува област на ниво на прва година факултет, овозможувајќи ми длабоко да навлезам во економијата и математиката, области кои најмногу ме интересираат. Слушајќи настава на англиски јазик, јас напреднав во говорењето на англискиот јазик, а големиот фокус на пишување есеи ми овозможи и писмено да се усовршам. Што се однесува до професорите, задоволен сум поради тоа што голем дел од нив се залагаат да им помогнат на амбициозните ученици да го прошират знаењето надвор од рамките на наставата. Исто така, академските советници ми помогнаа во разрешувањето на одредени дилеми во моменти кога требаше да донесам клучни одлуки за мојата иднина – објаснува Никола.

Вели дека кај универзитетот „Бокони“ му се допаѓало тоа што овозможува пракса на студентите во реномирани, светски компании. На тој начин, студентите го зацврстуваат знаењето стекнато во текот на годината, применувајќи го за да решат вистински проблеми поврзани со нивната идна професија.

- Семинарите кои „Бокони“ ги одржува со цел да поттикне критичко размислување, работа често изоставена во конвенционалното образование, е уште еден аспект од наставата на универзитетот кој го одвојува од останатите. Групните проекти кои се работат на „Бокони“ се подеднакво важни за студентот да научи да работи во тим, бидејќи голем дел од проблемите на работното место се решаваат заеднички. Што се однесува до студентската средина, таа е составена од голем број на интернационални студенти и ќе ми овозможи да остварам голем број контакти и надвор од рамките на мојата држава. „Бокони“ не е типичен универзитет бидејќи нуди програми исклучиво поврзани со економија, бизнис, право, финансии итн. Така, голем дел од студентите на овој универзитет имаат слични амбиции и аспирации, допирна точка која ќе им овозможи да зборуваат со нивните колеги за областа што најмногу ги интересира. Не е случајно што QS Ranking го рангира „Бокони“ на 7. место во свет и 3. место во Европа за областа бизнис и менаџмент – завршува Никола.

 Тројцата млади луѓе од септември ќе се впуштат во нови академски предизвици, но во себе носејќи го знаењето и пристапот кон учењето стекнат токму во меѓународното училиште